Потпретседателот на Каталонија, Уриол Жункерас изјави дека тој регион ќе прогласи „нова република“.
– Потезите на Шпанија не им оставаат никаква друга опција на каталонските сепаратисти освен да прогласат нова република, појасни Жункерас.
Каталонските медиуми го пренесуваат неговото денешно интервју за Асошиејтед прес, во кое наведува дека ќе се продолжи работата кон создавање на република.
– Според нашето сфаќање, имаме демократски мандат за прогласување нова република. Шпанската Влада не ни остави никаква друга опција, истакна Жункерас.
Сепак, тој прецизираше дека зборува само од името на Републиканската левица, една од двете партии во владејачката коалиција, а не во име на регионалната Влада на претседателот Карлес Пуџдемон.
Портпаролката на каталонската Влада претходно соопшти дека Пуџдемон денеска го одбил повикот за утре да се обрати пред шпанскиот Сенат во врска со планот да прогласи независност на Каталонија.
Таа прецизираше дека Пуџдемон нема да отпатува во Мадрид поради тоа што шпанската Влада веќе објави дека ќе воведе директна управа над тој автономен регион со цел да се блокира обидот за отцепување.
Сенатот, каде партијата на премиерот Маријано Рахој има мнозинство, треба в петок да се изјасни за одлуката на шпанската Влада со која се урива каталонската Влада, се презема контрола над Парламентот, медиумите и полицијата. Мадрид, исто така, најави дека во рок од шест месеци планира да свика нови парламентарни избори во Каталонија.
Околу 18.30 часот, пред градското Собрание на Барселона почна собирот на студентите кои бараат независност на Каталонија.