По 12-часовини преговори претставници на Јужна и Северна Кореја денеска постигнаа договор за повторно отворање на индустирската зона Каесонг, што се наоѓа на границата меѓу двете земји.
Согласно договорот, постигнат на средбата одржана на севернокорејската страна од граничниот премин Панмунџом, на 10 јули заедничка инспекција ќе ја посети индустриската зона, по што уште истиот ден ќе бидат прецизирани условите и времето за повторно отворање на Каесонг.
Зоната беше затворена во април годинава кога властите во Пјонгјанг им забранија на севернокорејските работници да одат на работа во фабриките на 123 јужнокорејски компании во Каесонг, по што тие беа принудени да ги затворат погоните.
Северна Кореја се реши на ваквиот чекор во знак на протест поради одржувањето на заедничките американско-јужнокорејски воени вежби.
Фабриките во Каесонг, каде беа вработени над 800 Јужнокорејци и околу 53.000 Севернокорејци, остваруваа годишен приход од околу две милијарди долари.