Последните четворица премиери на Велика Британија, вклучувајќи го и актуелниот Дејвид Камерон, се собраа во Даунинг стрит 10 на заедничка средба со кралицата Елизабета за да го одбележат нејзиниот дијамантски јубилеј, 60-годишнината како што е на престолот на Обединетото Кралство.
На средбата присуствуваа Џон Мејџор, кој седум години ја предводеше Владата, Тони Блер кој десет години беше премиер и Гордон Браун кој неполни три години беше во Даунинг стрит 10. Сегашниот премиер Дејвид Камерон на таа функција е од мај 2010 година.
На средбата не присуствуваше само Маргарет Тачер, првата жена британски премиер, која има и најдолг стаж на функцијата од нешто повеќе од 11 години. Таа веќе подолго време не се појавува во јавноста, откако по малиот мозочен удар, живее сосема повлечено во својот дом.
Досега 12 британски политичари, лидери на двете главни политички партии во земјата, конзервативците и лабуристите, биле премиери на Владата откако кралицата Елизабета е на престолот. Винстон Черчил беше премиер во 1952 година, кога Елизабета го наследи својот татко Џорџ Шести, кој почина од рак. Седумина од премиерите на кои кралицата им го давала мандатот за да состават Влада, не се веќе живи.
Камерон е дванаесетиот по ред премиер. На средбата во Даунинг стрит, што ја организираа Камерон и неговата сопруга Саманта, присуствуваше и сопругот на кралицата, принцот Филип, како и сопругите на Мејџор и на Браун, но не и Чери Блер. Како што е соопштено, таа се наоѓа на службен пат во странство.