Португалија денеска најави дека ќе го продолжи полицискиот час во текот на ноќта и „локдаунот“ за време на викендите, што веќе се воспоставени во повеќе од 100 општини, во обид да се спречи ширењето на пандемијата на коронавирусот.
-Ситуацијата е посериозна и покритична од тоа како ја доживеавме во првиот бран на пандемијата, рече премиерот Антонио Кошта на прес-конференција.
Од жителите на погодените области се бара да не ги напуштаат домовите, освен за работа, училиште или купување во текот на неделата, и да останат дома од 23 до 5.00 часот.
За време на викендите „заклучувањето“ стапува на сила од 13 до 5 часот наутро, при што сите продавници и ресторани мора да бидат затворени, иако има исклучоци за пекарите, аптеките и продавниците за храна.
Вонредната состојба на национално ниво, која стапи на сила во понеделникот, треба да трае до 23-ти ноември, а, исто така, може да се продолжи доколку се покаже дека е потребно.
Португалија, со нешто повеќе од 10 милиони жители, досега регистрира 191.011 случаи на заразени од коронавирус и 3.181 смртни случаи.
-Најмалку што им должиме на здравствените работници е да вложиме дополнителен напор, додаде премиерот Кошта. „Правилото е едноставно: мора да останеме дома“, предупреди тој.