Уште една силна бура ја погоди Калифорнија, а петгодишно момче исчезна во поројните поплави во централниот дел на американската сојузна држава, пренесува АП.
Во понеделникот спасувачите го бараа исчезнатото момче и му беше пронајдена само едната обувка, а по седум часа потрагата беше прекината бидејќи нивото на водата беше премногу опасно за нуркачите, па ќе продолжи кога условите ќе го дозволат тоа, најавија надлежните.
Американскиот претседател Џозеф Бајден одобри прогласување вонредна состојба во Калифорнија поради невремето во кое во изминатите 10 дена загинаа најмалку 14 луѓе, а стотици илјади домови и деловни објекти останаа без струја.
Бројот на жртви од серијата разорни бури што започна минатата недела се зголеми од 12 на 14 во понеделникот, откако две лица, меѓу кои и еден бездомник, загинаа од паѓање дрвја, соопштија властите. Шерифот на округот Санта Барбара, Бил Браун, рече дека наредбата за евакуација „се заснова на постојано високи врнежи, без индикации дека ќе се промени пред вечерта“.