Пакистанската полиција го уапси денеска поранешниот претседател Первез Мушараф во неговиот дом во Исламабад и го предаде на судот во врска со обвиненијата за државна измама додека бил на претседателската функција.
Пакистанските медиуми објавија снимки од Мушараф опкружен од полицајци во судот во Исламабад. Судијата вчера издаде наредба за негово апсење.
Мушараф беше претседател од 1999 до 2008 година и е поранешен началник на Генералштабот на пакистанските вооружени сили. Тој минатиот месец се врати во Пакистан по четири години минати во егзил, со цел да учествува на претстојните избори во земјата закажани за 11 мај. Неговата кандидатура беше отфрлена од изборната администрација и тој се соочува со обвиненија за државна измама.
Пакистанскто судство претходно му даде гаранции дека во случај да се врати во земјата ќе доби условни казни по обвиненијата против него. Времената гаранција за Мушараф за случајот со судиите истече вчера и поранешниот претседател се јави во судот за да побара продолжување на мерката. Судот не му даде право за ослободување со гаранција и ја поништи претходно дадената гаранција за него со која тој можеше да се врати во Пакистан.
Во 2008 година пакистанското судство го принуди да поднесе оставка и го обвини за три слуачи, убиство на поранешниот премиер Бензаир Буто во 2007 година, илегално отпуштање судии и убиство на лидерот на борците за независност на Белуџистан Акбер Бугти во 2006 година.