Поранешниот бразилски претседател, Луис Инасио Лула да Силва, на првото судско сослушување со кое раководеше федералниот судија Серхио Мело, ги отфрли сите обвинувања за корупција.
На сослушувањето во судот во јужниот бразилски град Куритиба, тој го искористи процесот за политичка дисквалификација на антикорупциската истрага што се води против него.
Лула го отфрлил обвинувањето дека има добиено стан во скандалот со давање и примање поткуп, поврзан со државната нафтена компанија „Петробрас“,
Според Лула, процесот против него „нема правен легитимитет“ и го нарекол обична „фарса“.
Освен за примање поткуп, Лула е обвинет и за уште четири други кривични дела, межу кои и за перење пари и за попречување на правдата.
Доколку биде прогласен виновен, поранешниот претседател се соочува со затворска казна, а доколку биде ослободен, како што претходно најави, одново ќе се кандидира за претседател на изборите идната година.
Бразилските весници јавуваат дека во текот на испрашувањето, Лула ги нападнал и домашните медиуми за тоа дека го „сатанизирале“ но дека на тоа реагирал судијата Мело, порачувајќи му дека на судење е изведен не поради медиумите, туку заради сомничењето за сторени кривични дела за кои обвинителство вели дека ќе бидат и докажани.
Лула да Силва е поранешен работник во челичарница, па синдикален лидер, што го има направено мошне популарен кај левичарите и работничката класа. Тој беше лидер на бразилската Работничка партија и два пати, едно по друго, беше избран за претседател на Бразил.
Не можеше да добие и трет мандат, затоа што законот тоа не го дозволува, па ја кандидираше својата партиска и идеолошка штитеничка, Дилма Русеф за негов наследник на функцјата.
Таа на два пати победи на изборите, но минатата година беше тргната од функцијата, со импичмент во Парламентот на Бразил.