Поранешниот бразилски претседател Јуселино Кубичек, не бил жртва на политички мотивиран заговор, заклучи специјалната државна комисија, која ги истражуваше тврдењата дека бил убиен по налог на воената хунта, која во седумдесетите години на 20 век управуваше со Бразил.
Кубичек загина во август 1976 година, додека со автомобил патуваше од Рио де Жанаиро за Сао Паоло. Во сударот на неговото возило со еден камион загина и неговиот возач.
Во бразилската политичка јавност долго време постои сомнеж дека поранешниот претседател, кој во време на смртта беше популарен опозициски политички лидер, е убиен во монтирана сообраќајна несреќа и за тоа се обвинуваше тогашната воена хунта.
Случајот со смрта на Кубичек, одново се актуелизира пред крајот на минатата година, откако една комисија од Сао Паоло, која ги истражуваше настаните од пред 42 години, соопшти дека „располага со докази“ за постоењето на политички заговор.
Засега нема никакво објаснување како се случи во само четири месеци две бразилски комисии, за еден ист случај, да донесат сосема различни и спротивставени заклучоци.
Кубичек беше претседател на Бразил од 1956 до 1961 година. За време на својот мандат тој ќе остане запаметен најмногу по одлуката од 1960 година, главниот град на земјата да се пресели од Рио де Жанаиро, во новоизградениот град Бразилија, сместен длабоко во внатрешноста на Бразил.
Главен архитект на новата престолнина на земјата, беше прославениот бразилски архитект и убеден левичар, Оскар Нимајер.