Јавниот обвинител на Бразил, Родриго Жано испрати барање до Врховниот суд за подигнување обвинение за поранешните претседатели на државата, Луис Инасио Лула да Силва и Дилма Русеф за организирање криминална група.
Согласно бразилските закони, судот е тој што ќе одлучи дали да се покрене обвинение за поранешните претседатели. Ако дојде до судски процес тие двајца можат да добијат казна меѓу три и осум години затвор.
Според обвинителот, тие двајца заедно со уште шестмина функционери на владејачката Работничка партија создале криминална организација којашто дејствувала за време на нивните претседателски мандати. Лула да Силва бил на чело на структурата. Групата извршила серија на прекршоци во кои била вмешана и државната нафтена компанија „Петробраз“. Делата кои им се припишуваат се: формирање картели, корупција и перење на пари.
И покрај скандалите Лула да Силва ужива огромна популарност и се споменува како можен кандидат на претседателските избори следната година.