Саманта Тејлор, која му била девојка на Оскар Писториус пред Рива Стенкамп, ги откри своите стравови од параолимпиецот со кој се забавувала 18 месеци. Саманта вели дека му го криела пиштолот во страв дека ќе ја убие, и дека имал чести епизоди на „лутина и посесивност“.
Саманта вели дека додека се забавувале, се случувало тој силно да и вика додека таа седи во агол, еднаш ја возел во неговото порше со 200 километри на час како казна за претходна кавга, а во еден момент таа толку се уплашила за својот живот што му го сокрила пиштолот – истото оружје со кое на Денот на вљубените 2013 Писториус ја уби Рива Стенкамп.
Често пати добивала модринки и гребаници од Писториус кој, според нејзиното тврдење, ја штипел и ја касал.
Саманта Тејлор се забавувала со Писториус додека студирала маркетинг во Кејп Таун. Во изјава за Мирор таа вели дека не само што поднесувала физичко насилство од него туку тој и психички ја малтретирал.
– Оскар знаеше да ме заклучи во неговата куќа и да излезе. Ме оставаше без храна. Не можев да излезам. Беше навистина опасно…
– Една вечер се врати многу пијан, го запали подот и играше околу оганот, се сопна и падна. Се повреди, го скрши забот, а потоа мене ме обвини дека сум го повредила и силно ми викаше. Таа вечер се уплашив дека ќе ме убие и му го сокрив пиштолот – вели Тејлор.
Додека бил со Тејлор, имал и многу други врски. Се забавувал и со Стенкамп. Кога ја раскинал врската со Тејлор поради Стенкамп, Тејлор во изјава за јужноафрикански магазин рече: Тој има чуден начин со жените. Тој не е она што луѓето мислат дека е…
Писториус вчера беше ослободен од обвинението за убиство со предумисла, но денеска е осуден за смртта на Рива Стенкамп и може да добие 15 години затвор.