Ен Видекомб – поранешната британска министерка почина откако е удрена во главата 21 пат со чекан додека ручаше во својот дом во Девон, беше соопштено пред Кралскиот суд во Вестминстер.
Според обвинителството, нападот се случи на 8 јули, пренесува Би-Би-Си.
Обвинителот Кашиф Малик изјави дека Џошуа Кери, обвинет за убиство, на 8 јули пристигна пред нејзината куќа со црвен автомобил „Воксхол Корса“ и влезе низ влезната врата.
Тој се задржа во куќата само две минути. Обвинителството тврди дека тој носеше црни ракавици, повеќепати ја удри Видекомб со чекан, ја собори од столот, ѝ го зема паричникот и побегна со автомобилот.
Видекомб беше пронајдена дури следниот ден, на 9 јули.
Таа не се појави на договореното онлајн интервју за „Канал 5“, па продукцискиот тим стапи во контакт со нејзината асистентка. Таа побара од градинарот да ја провери куќата. Градинарот влезе низ отворената влезна врата и ја пронајде Видекомб на подот во кујната со тешки повреди на главата.
Беше повикана брза помош, но смртта беше констатирана на самото место во 12:20 часот.
Снимките од видео-надзорот од нејзиниот дом во Хејтор потврдија дека таа беше нападната претходниот ден, изјави обвинителот Малик.
Тој додаде дека полицијата сè уште истражува можна поврзаност со тероризам или политички мотив.
Патологот изјави дека прелиминарната причина за смртта е траума на главата предизвикана од удар со тап предмет. Сепак, на истрагата за смртта одржана претходно во вторникот, било соопштено дека е извршена обдукција, но дека „точната медицинска причина за смртта сè уште не е утврдена во оваа фаза“.
Џошуа Кери (28) од Ротерам, Јужен Јоркшир, е обвинет за убиство. За време на краткото рочиште во Магистратскиот суд во Вестминстер, тој беше без емоции на лицето и зборуваше само за да го потврди својот идентитет. Тој се изјасни како невин и останува во притвор до рочиштето во судот „Олд Бејли“ подоцна во текот на денот.
Ен Видекомб имаше долга политичка кариера. Таа помина 23 години како пратеничка од редовите на Конзервативната партија за изборната единица Мејдстон во Кент, а во 1990-тите години беше министерка во владата на сер Џон Мејџор.
