Поголемиот број продавници во централната филипинска провинција Албај денеска останаа затворени, а болниците ги вклучија генераторите, откако Националната компанија за електрична енергија го прекина снабдувањето со струја за овој регион поради неплатени сметки.
Исклучувањето на електричната енергија започна од вчера и ги изненади жителите на Албај, каде живеат 1,2 милиони луѓе.
Гувернерот на провинцијата Хоеј Салседа, чија канцеларија исто така остана без струја, вети дека снабдувањето ќе биде возобновено во текот на неделава.
Во предупредувањето на филипинското Министерство за енергетика испратено до електростопанството на Албај се наведува дека тоа има долг од околу 93 милиони долари, кој се собирал во текот на последните 15 години.
Гувернерот Салседа истакна дека централните власти поставиле два услова за повторно вклучување на струјата – или 100-те најголеми должници во провинцијата, кои се главно фирми, да останат исклучени или да се подготви и реализира план за отплата на долгот.
Провинцијата Албај е главно земјоделска и е основен извор за геотермална енергија во земјата.