Популарноста на бразилскиот претседател Мишел Темер изнесува само седум отсто, покажува последното испитување на расположението на гласачите.
Неговата десно-центристичка коалиција, меѓутоа, има многу подобар рејтинг и доколку Темер биде принден да се повлече од функциата, владината коалиција би можела да преживее и да ги пречека следните избори, предвидени за октомври идната година.
Актуелниот претседател не уживаше голема поуларност и кога стапи на должност, откако беше сменета Дилма Русеф, по постапката за импичмент во која Темер, кој во тоа време беше потпретседател, играше водечка улога.
Русеф која беше обвинета дека ги преправала податоците за состобата на домашната економија, сокривајќи ја реалната состојба, за да си обезбеди висок рејтинг за себе и за својата Работничка партија, се поврзува и за големиот корупциски скандал во државната нафтена компанија „Петробрас“.
Поранешната претседателка, едно време има работено како еден од директорите на компанијата, а за поврзаност со скандалот, сега е обвинет и му се суди на нејзиниот претходник и бразилски претседател во два мандата, Инасио Лула да Силва, кој остана популарен кај пониските слоеви на општеството.
Темер кој е поранешен адвокат, сега и самиот е изложен на обвинување за земање поткуп, откако еден од водечките бразилски бизнисмени јавно тврдеше дека му давал пари на актуелниот претседател, за да се „замолчи“ сведокот во корупциски скандал со поранешниот спикер на бразилскиот Парламент.
Бизнисменот отишол во кабинетот на претседателот „озвучен“ со сокриена техника за снимање на разговорот, што сега е главен доказ за обвинувањето против Темер. Против него веќе има и формално обвинување кое е испратено до Врхвниот суд.
Ако судот го потврди, случајот на Темер ке биде префрлен во Долниот дом на Парламентот, што ќе треба да дозволи да му се суди на актуелниот шеф на бразилската држава.
Темер во обраќање преку телевизијата се брани дека сите обвинувања се „без основа и наместени“ .
– Нема да дозволам да се валка моето име за криминал што не сум го сторил, истакна Темер, инсистирајќи дека случајот против него е „политичка одмазда“.
Бразилските аналитичари проценуваат дека тој би можел и да го „преживее“ гласањето во Долниот дом, но дека Обвинтелството може да го обвини и за „попречување на правдата“.