Романскиот премиер Виктор Понта соопшти дека е осомничен за фалсификување документи, перење пари и соучество во прикривање даноци, но ги отфрли повиците на шефот на државата да поднесе оставка, јавува БТА..
Како што пренесуваат американските медиуми, Понта денеска околу 30 минути престојуваше во седиштето на Националната дирекција за борба со корупцијата (НДБК) и на излегување на новинарите им изјави дека е осомничен.
Романскиот претседател Клаус Јоханис побара оставка од Понта, но
42-годишниот премиер ги отфрли овие повици и јасно стави до знаење дека обвиненијата против него ги смета за политички мотивирани. Тој
подвлече дека „политичките прашања се решаваат во Парламентот, а
не во антикорупциската служба“, посочува ТАСС.
„Од романскиот Парламент бев назначен на оваа функција и само Парламентот може да ме отстрани“, напиша Понта на Фејсбук, цитиран од британските медиуми.
Обвинителите од Парламентот побарале да се дозволи судско гонење на премиерот. Тврдењата на обвинителите се однесуваат на неговата работа како адвокат во периодот меѓу 2007 и 2008 година, кога, исто така, тој бил пратеник од Социјалдемократската партија, посочува ТАСС, прецизирајќи дека станува збор за случај поврзан со сенаторот Дан Шова, кој е од блиското опкружување на премиерот.
Обвинителите го сомничат Шова дека незаконски заработил 870. 000 долари како адвокат во приватизацијата на два електроенергетски
комплекса и дека уништил компјутрерски фајлови за да ги прикрие своите траги. Тој ги отфрла овие обвиненија.
Пред неколку дена романскиот Сенат по вторпат го отфрли барањето на антикорупциските обвинители за приведување на Шова.
Романија во последните неколку месци ги засили напорите за искоренување на корупцијата, забележуваат американските медиуми. Во 2014 година антикорупциската агенција обезбеди рекорден број од 1.051 пресуди, вклучувајќи и против поранешен премиер, седум поранешни министри, поранешен вицепремиер, четворица пратеници, еден европратеник, 39 градоначалници, 25 судири и двајца влијателни бизнисмени.
Виктор Понта е првиот актуелен романски премиер против кого Националната дирекција за борба со корупцијата почнува кривична постапка, забележува сајтот Зиаре.