Новиот државен секретар на САД, Мајк Помпео денеска пристигна во Саудиска Арабија, од каде ја почнува посетата на блискоисточните држави.
Тој на аеродромот беше пречекан од саудискиот министер за надворешни работи Адел ал Џубеир, а предвидено е да се сретне со претолонаследникот принцот Мојамед бин Салман и со кралот Салман.
– Посетите на Ријад, Ерусалим и Аман, само два дена откако Помпео положи заклетва како шеф на американската дипломатија, имаат за цел да ги засилат врските со важните американски сојузници во Блискиот Исток, изјави неименуван претставник на Стејт департментот.
Помпео вчера изјави дека на средбите во Саудиска Арабија, Израел и Јордан ќе разговара за иднината на мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма, што беше постигнат во 2015 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно докуметот со Иран го оцени како „најлош договор склучен некогаш“ и се закани дека ќе воведе нови санкции кон Техеран, освен ако европските сојузници Велика Британија, Франција и Германија не се согласат на измени. Повторното воведување на санкции кон Иран, најверојатно би значело крај на договорот.
Русија, Кина, Германија, Велика Британија и Франција мултилатералниот договор го оценуваат како најдобар начин да биде запрен Техеран да разработи нуклеарно оружје.
Помпео по вчерашната средба со министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел, изјави дека американскиот претседател се уште не донел одлука дали ќе се повлече од договорот со Иран.
Администрацијата на Трамп во моментот ја преразгледува и улогата на САД во борбата против Исламска држава во седумгодишната војна во Сирија. Американскиот претседател ги повика земјите од Персиски Залив да обезбедат финансии и војници за стабилизирање на сириските реони, кои беа под контрола на ИД.