Полско радио објави нови детали за авионската несреќа кај Смоленск

Од:

Пилотите на авионот на полскиот претседател Лех Качински, кој се урна во 2010 година во близина на рускиот град Смоленск, биле под притисок да слетаат наспроти густата магла од високи функционери, што биле во пилотската кабина, покажува нова експертиза, пренесува БТА.

Според стенограмот од записот со звук на една од црните кутии, повторно дешифриран од експерти, командантот на воздухопловните сили генерал Анджеј Башик, кој патувал со авионот како патник, се наоѓал во пилотската кабина во последните минути на летот до трагичната несреќа, јави полското радио Ер-Ем-Еф ФМ.

– Треба до крај да се обидеме да го направиме тоа (да слетаме), изјавува Башик шест минути пред ударот во земја, пренесувајќи зборови изнесени десет минути претходно од шефот на протоколот на Министерството за надворешни работи, кој исто така се наоѓал во кабината.

Според аудио записот генерал Башик на 300 метри од земја му рекол на пилотот да „оди, дека има доволно место“ додека пилотите залудно се обидувале да ги избркаат од кабината лицата кои не се членови на екипажот во последните минути од летот.

Во денеска објавено соопштение военото обвинителство, одговорно за истрагата, потврди за новата експертиза на тонските записи, истакнувајќи дека содржат 40 проценти повеќе дешифрирани тонови од претходната експертиза, извршена од полициска лабораторија.

Според военото обвинителство, информациите објавени од радиото се неточни и предупреди да не се интерпретираат елементи надвор од контекст на останатите елементи од истрагата, како и дека објавувањето на внатрешни информации е казниво со две години затвор.

Полското радио Ер-Ем-Еф ФМ наведува дека снимката е од аудио рекордер од пилотската кабина, пронајден во остатоците кратко по несреќата. Во февруари минатата година полските истражни органи употребија нова техника за дешифрирање на дел од записите, доставени од руските власти, кои биле во многу лоша состојба и тешко разбирливи.

Според снимките екипажот на авионот бил загрижен поради густата магла на аеродромот каде требало да слетаат и разговарале да се вратат назад, но биле под притисок да продолжат со цел да не ја одложува агендата на претседателот.

Екипажот, исто така, бил вознемируван од патници во пилотската кабина, во последните минути пред несреќата. Според записот, екипажот во неколку наврати бара луѓето да бидат потивки или да ја напуштат кабината.

Во авионската несреќа на 10 април 2010 година загинаа претседателот Лех Качински, неговата сопруга и уште 94 лица во авионот, меѓу кои високи полски политичари и воени лица. Полската делегација патуваше за церемонија во Катин град, во близина на Смоленск, по повод 70-годишнината од масакрот на илјадници полски војници од советска тајна полиција во Втората светска војна.

Минатата недела военото обвинителство потврди дека според неа пилотите се главни виновници за несреќата, иако обвини и двајца руски авиодиспечери, кои придонеле за несреќата.

Би можело да ве интересира

Националистите предложија историчар да се кандидира за претседател на Полска

А1он

Захарова: Американската противракетна база во Полска е приоритетна цел

Русија: Новата американска база во Полска долго време е на списокот за потенцијално уништување

Туск: Телефонската дипломатија не може да ја замени вистинската поддршка за Украина

Горан Наумовски

Полска го гради „Источниот штит“, се градат бариери, бункери, ровови и мински полиња

Дуда: Полска ќе ги пренесе авионите МиГ-29 во Украина доколку НАТО ги префрли авионите во полските бази