Полските конзервативци, предводени од Јарослав Качински го усвоија синоќа оспоруваниот закон за Уставниот суд и покрај повиците на Европската комисија.
Законот беше разгледан на вонредна седница на Парламент, која траеше до четири часот изутрината по локално време (три часот според Гринич). Законот го поддржаа 58 сенатори од десната партија „Право и правда“, „против“ се изјаснија 28 сенатори, додека еден беше воздржан.
Откако ќе биде потпишан од претседател Анджеј Дуда, законот ќе влезе во сила.
Опозицијата законот го определи како обид за парализирање на Уставниот суд и како удар врз демократијата.
Заменик-претседателот на Европската комисија Франс Тимерманс вчера упати апел да не се поддржи овој закон или барем да не стапи во сила се додека не бидат одговорени сите прашања, поврзани со независноста на Уставниот суд.
Полскиот министер за правда Збигнев Жобро изјави дека Тимерманс ова го порачал под влијание на полската опозиција.
Со новиот закон се воведува квалификувано мнозинство за одлуките на Уставниот суд. Освен тоа во случај кој е оценет како мошне важен ќе биде потребно присуство на 13 од вкупно 15 судии. Според сегашната пракса потребен беше кворум од девет судии.
Партијата на Качински смета дека законот ќе воведе ред во работата на Уставниот суд.