Полска организира своја прослава за Денот на победата и крајот на Втората светска војна, а централната манифестација се одржува во Гдањск, јави Би-Би-Си.
Одбележувањето на 70 годишнината од завршувањето на војната во Европа, ќе биде ноќеска, на полноќ, во близината на Вестерплате, каде во 1939 година е испукан првиот куршум, со кој почна Вторатата светска војна, означена како најголемата во историјата.
Покрај највисокото полско државно раководство, на одбележувањето во Гдањск ќе присуствуваат и политичките лидери на земјите од Источна Европа- од Бугарија, Чешка, Естонија, Литванија, Романија и Украина.
Полскиот претседател Бронислав Коморовски, во интервју за весникот „Газета Виборча„ рече дека крајот на војната на земјите од Истокот на Европа не им ја донесе слободата, затоа што „државите беа потчинети против својата волја од тогашниот Советски Сојуз„.
Полската прослава за Денот на победата, се одржува само еден ден пред прославата што ја организира Русија, на 9 мај, за завршувањето на војната, во која Советскиит Сојуз има загубено околу 20 милиони војници и цивили.
По повод одбележувањето на крајот од Вторатата светска војна, во Москва е закажана голема воена парада за која беа поканети лидерите од Европа и светот, но повеќето земји од Западот одлучија да ја бојкотираат руската прослава, поради „руската вмешаност„ во украинската криза и анексијата на Крим.
Владата во Берлин, која претходно меѓу првите соопшти дека Германија нема да присуствува на руската парада, ја ублажи својата позиција, па канцеларот Ангела Меркел ќе отпатува во Москва, на 10 мај, еден ден по централната руска манофестација, а германскиот претседател им изрази благодарност на советските (руските) војници во текот на Втората светска војна, затоа што ја ослободиле Германија од нацизмот.
На полската прослава, западните земји ќе бидат застапени на пониско ниво.Од Франција во Гдањск присуствува министерот за одбрана Жан Ив ле Дриан, а од Германија, поранешниот претседател Хорст Келер.
Втората светска војна почна на 1 септеври 1939 година, кога војниците на нацистичка Германија го нападнаа полскиот гарнизон кај Вестерплате, до Гдањск.Два дена подоцна Велика Британија и Франција и објавија војна на Германија.