Полска и Унгарија се согласија на компромис со Германија за деблокирање на буџетот на Европската унија од 2,2 трилиони долари, изјави висок владин претставник во Варшава, пренесува Блумберг.
Компромисот би ставил крај на застојот, откако Будимпешта и Варшава се заканија дека ќе го стопираат фондот на ЕУ за помош во врска со пандемијата, кој е во вредност од 750 милијарди евра и буџетот за периодот 2021-2027 година, а поради тоа што Полска и Унгарија не се согласуваат одобрувањето на средствата да зависи од владеењето на правото во секоја земја.
Полскиот вицепремиер Јарослав Говин изјави дека е склучен договор со Германија, која е ротирачки претседател на ЕУ, што сега ќе биде претставен на остатокот од Унијата. Договорот може да биде финализиран до петок, односно до крајот на дводневниот самит на европските лидери во Брисел, рече тој. Германска портпаролка рече дека сè уште не е постигнато решение и сите земји-членки ќе треба да се согласат, пренесува Блумберг.
– Засега имаме договор меѓу Варшава, Будимпешта и Берлин, изјави Говин, најголемиот заговорник во владата на Полска за земјата да се откаже од заканата за вето. – Верувам дека овој договор ќе ги вклучи и преостанати 24 европски престолнини..
Потврда дека е постигнат договор дојде и од унгарски официјален претставник, кој побарал да биде неименуван. Дипломат рече дека официјалните лица чекаат конечна потврда дека е постигнат договор, пренесува Блумберг.
Говин одби да навлезе во детали за договорот, велејќи само дека со него се обезбедува суверентитетот на Полска и обединетоста на ЕУ.