Политиката на Трамп со моторна пила

Од:

Дојче веле – Бон

Германските медиуми остро го критикуваа законот на американскиот претседател Доналд Трамп за забрана на влез на граѓани од седум муслимански земји, истакнувајќи дека со тоа се нарушуваат основните вредности на американското општество и демократијата.

„Генерално сомнежот како главен принцип во борбата против исламистичкиот терор претставува враќање во лоши времиња. Америка, светилник на планетата? Би било трагично кога на тоа би морале да кажеме: беше еднаш…” – оценува угледниот весник Франкфуртер алемајне цајтунг.

Хановерсе алемајне цајтунг во својот коментар наведува дека Трамп со својата забрана го крши сопствениот Устав и дека радикалните муслимани и тие кои се лојални на законот сега добиле импулс да се зближат во САД, но и на Средниот исток, што органите за безбедност секогаш се обидувале да го спречат, пренесе Радио Дојче веле.

„Светот во борбата против тероризмот мора да настојува да повлече линија на раздвојување меѓу криминалците и тие кои го почитуваат законот. Трамп повлекува линија на раздвојување на верска основа, а така станува монструозен. Со тоа подметнува оган во сите магацини со муниција на овој свет” – наведува весникот од Хановер.

Бадише цајтунг од Фрајбург оценува дека прогласувањето на државјанство или религија за општ критериум за исклучување е нова димензија.

„Новиот закон погодува најмалку 134 милиони луѓе, повеќето муслимани. Дури и Републиканците сфаќаат дека толку остра конфронтација дава аргументи на радикалните исламисти. Но, Трамп води политика со моторна пила наместо со скалпер” – пишува весникот.
Ландесцајтунг оценува дека светот ќе мора да се навикне на тоа дека политиката на Белата куќа ја следи логиката која само на теоретичарите на заговори им изгледа нормално.

„Забраната за влез во земја која важи и за бебиња и за старци од седум земји од кои во последните 40 години ниту еден имигрант или посетител не извршил напад во САД, сега треба да ја зголеми безбедноста? А Саудиска Арабија не е на негативната листа на Трамп, иако 15 од 19 терористи од 11 септември 2011 година беа од Саудиска Арабија” – наведува весникот.

Како што се додава, тоа може да изгледа логично само на луѓе како што е советникот за безбедност на Трамп, Мајкл Флин кој смета дека шиитскиот Иран ги влече конците на секој исламистички терор – значи сунитскиот. „Што се 1.300 години гнев и војна! Светот ќе стане несигурно место ако трамповските и исламистичките фанатици едни на други си ја додаваат топката” – пишува линебуршкиот весник.

Сарбрикер цајтунг се прашува дали Трамп воопшто размислувал за тоа како неговите декрети морално ќе ги проценат и ирачките војници кои моментално заедно со САД се борат против терористите на ИС? Веројатно не. „САД, кои постојано се претставуваат како светилник на слободата, демократијата и човековите права, со овие скандалозни и нехумани одлуки стапнуваат на опасен пат” – оценува весникот од Сарбрикен.

Манхајмер морген пишува дека забраната за влез за муслиманите која ја воведе Доналд Трамп, ќе се одрази на Америка и дека тој спроведува дискриминација на луѓето која се темели на верата и потеклото.

„Со тоа тој ги негира фундаменталните вредности за кои се залага САД од своето основање. И ги крши елементарните права на американската пристојност” – потенцира весникот.

Меркише одерцајтунг истакнува дека самитот на ЕУ кој ќе се одржи кон крајот на оваа недела ќе биде добра можност за Европејците заеднички да го предупредат Трамп.

Штургартер цајтунг пишува дека останува да се види колкав притисок на Трамп може да направи граѓанското општество, а посебно каква позиција ќе заземе американското судство. Контролата на извршната власт спаѓа во најважните права на еден американски судија. Сега треба да се види дали таа контрола функционира.

„Националистите и десничарските популисти во Европа веројатно со посебно внимание го следат развојот на состојбата во САД. Ако претседателот на водечката западна сила ги доведува во прашање темелите на либералното државно уредување, а правната држава во тоа не се меша, тогаш тоа им оди во прилог на нив” – пишува штутгарскиот весник.

Нирнберг нахрихтен вели дека САД, една од најстарите демократии, се наоѓа пред голем предизвик и дека следните месеци многу работи ќе зависат од ставот на судството, Сенатот и Претставничкиот дом, кои се единствени институции кои можат да го спречат владеењето на Трамп со декрети.

„Статуата на слободата не смее да се претвори во споменик кој потсетува на тоа дека Америка некогаш била слободна и отворена” – заклучува весникот од Нирнберг.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Кој победи во потпреседателската дебата во САД

Аналена Бербок: Трамп шири лажни вести за Германија, во наш интерес е да ги одржуваме врските со САД

Горан Наумовски

Трамп ја нарече Харис „ментално пореметена“ и „ментално хендикепирана“

Горан Наумовски

Се сретнаа Трамп и Зеленски

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Русија нема да победи му порача Бајден на Зеленски, украинскиот претседател на средба со Трамп

Катерина Ѓуровски

Најжестокиот напад на Трамп кон Зеленски: „Украина ја нема, не можам да ги заменам мртвите“

Горан Наумовски