Полицијата во источниот дел на Демократска Република Конго уапси членови на група за која се тврди дека е поврзана со минатогодишниот атентат на италијанскиот амбасадор, како и со неодамнешните киднапирања на работници на хуманитарни организации, изјави денеска началникот на провинциската полиција.
Италијанскиот амбасадор Лука Атанасио, неговиот телохранител и возач, лани во февруари, беа убиени за време на неуспешно киднапирање на пат во источно Конго, додека беа во посета на хуманитарен проект на ОН во едно училиште.
Полицискиот комесар Аба Ван Анг денеска ги покажа уапсените, на состанокот со воениот гувернер на провинцијата Северен Киву, Констант Ндим. Тој изјави дека некои од нив биле вмешани во убиството на Атанасио.
-Меѓу овие групи е и онаа која го киднапираше италијанскиот амбасадор и го уби, рече Ван Анг. Тој, меѓутоа, додаде дека лидерот на групата, кој е директно одговорен за смртта на Атанасио, сè уште не е фатен.
Анг кажа дека групата била вклучена и во киднапирањето во декември, кога членови на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) беа киднапирани, а подоцна ослободени.
Засега не е познато дали уапсените се и официјално обвинети.
Поголемиот дел од источно Конго во последните децении е преполн со насилство, бидејќи ривалските милиции се борат против владините војници, но и меѓусебно, за контрола врз земјата и ресурсите. Зголемени се киднапирањата и нападите врз хуманитарните конвои, предупредуваат од ОН и другите хуманитарни организации.
Извор: МИА