Акајед Улах вчера се обиде да изврши самоубиствен напад со рачно изработена бомба на една од најпрометните станици во њујоршкото метро, а денеска полицијата во Бангладеш ја испитува и неговата сопруга.
Тие двајца имале шестмесечен син, а според шефот на полицијата на Бангладеш Улах немал досие во земјата, која последен пат ја посетил во септември.
Живеел со мајка му, сестра и двајца браќа во Бруклин и имал американска зелена карта, информираа од генералниот конзулат на Бангладеш во Њујорк.
Тој беше единствениот повреден во експлозијата на бомбата, а уште три до четири лица побарале лекарска помош од повреди здобиени при општата паника која настанала по експлозијата.
Според медиумите, Улах носел две експлозивни направи, од кои една била прицврстена на неговото тело. Една од бомбите деулмно експлодирала додека бомбашот ја носел, што му нанела тешки повреди.
Полицијата успеала да ја острани другата експлозивна направа од неговото тело, по што му била укажана лекарска помош.
Поранешниот полициски комесар на Њујорк, Бил Братон изјави дека, според неговите извори, се работи за исламист кој сакал да изврши напад во Њујорк пред Божиќ во име на групата Исламска држава (ИД). Улах живеел во САД од пред седум години.
Инцидентот се случил во 7:30 по локално време во екот на утринскиот сообраќаен метеж, а стотици луѓе на социјалните мрежи објавија дека се случило вистинско стампедо по експлозијата, додека патниците од метрото брзале што поскоро да го напуштат подземниот тунел и метро станиците.
Американскиот претседател Доналд Трамп и градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио биле брифирани со досега познатите информации за инцидентот.