Уште тројца осомничени се уапсени во рамки на истрагата за бомбашкиот напад минатиот месец на бостонскиот маратон, соопшти полицијата во Бостон. Засега не се соопштени други детали околу идентитетот на уапсените.
Истражните власти досега идентификуваа двајца осомничени – етничките Чеченци браќата Тамерлан и Џохар Царневи, кои според нив ги поставиле експлозивните направи на целта на маратонот на 15 април.
Дваесет и шест годишниот Тамерлан загина во престрелка со полицијата три дена подоцна, а неговиот 19-годишен брат се наоѓа во затвор и против него се покренати обвиненија за кои може да добие смртна казна.