Полицијата денес ги пребара канцеларијата и домот на Патрик Бисон, советник на поранешниот француски претседател, Никола Саркози, во истрагата за корупција.
Истрагата треба да утврди дали Саркози, додека беше на позицијата шеф на државата, ги злоупотребил државните фондови за финансирање на испитувања на јавното мислење.
Причина за покренување на истрагата беше вносниот договор за спроведување на Анкетата, кој наводно без тендер и беше доделен на агенцијата “Публифакт”, со која раководел Бисон, пренесе АФП.
Истрагата на почетокот на оваа година беше проширена на сите анкети нарачани во време кога Саркози беше претседател на Франција, од 2007 до 2012 година, со цел да се утврди дали тој ги злоупотребил јавните фондови.
Откако победи социјалистот Франсоа Оланд на претседателските избори во мај минатата година, Саркози, кој повеќе не ужива имунитет од кривично гонење, мораше во неколку наврати да се брани од обвинувањата во врска со неговиот мандат и предизборната кампања.
Минатиот месец, Саркози, во рамки на истрагата за незаконско финансирање на политичките партии, е обвинет дека примил нелегални донации за предизборната кампања од најбогатата французинка, наследничка на компанијата “Oreal” Лилијан Бетанкур.
Двајца од неговите блиски соработници од времето кога беше министер за финансии во владата на Жак Ширак, обвинети се за примање мито при склучување договор со пакистанската армија.
Во француската јавност се шпекулираше и за тоа дека режимот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи ја финансирал педизборната кампања на Саркози во 2007 година, со 50 милиони евра, но никогаш за тоа не е започната официјална истрага.