Утрово заврши вооружениот напад на меѓународниот аеродром во Кабул, со ликвидација на сите напаѓачи, пренесе „Франс прес“, повикувајќи се на претставници на власта.
-Нападот заврши, а зоната е исчистена од бунтовници. Сите кои се криеја на територија на објектот во изградба се убиени- рече Гул Ага Хашими, претставник на локалната полиција.
Прецизни информации за жртвите за сега нема, а одговорноста за нападот ја презеде движењето на Талибанците.
Како што пренесе француската агенција претходно било јавено дека вооружени лица влегле во една од зградите во северниот дел на аеродромот и отвориле оган. Пред тоа се слушнала серија експлозии кои ги извеле терористи-самоубијци, кои исто така биле од редовите на напаѓачите.
Заземајќи го објектот во изградба, тие започнале да пукаат од автоматско оружје и минофрлач, по што на местото на нападот пристигнале воени единици и ја опколиле зградата.
На аеродромот во Кабул се наоѓа и Штабот на здружената команда на Меѓународните сили за помош и безбедност во Авганистан (ИСАФ).
Инаку во мај Талибанците прогласија почеток на „летна офанзива“ на авганистанските сили за безбедност и припадници на меѓународните мисии.
Е. Г.