Со интернет напади блокирани се денес пристапите до неколку сајтови на шведските компании, изјави шведската полиција, која тоа го поврзува со контроверзите во случајот на основачот на “Викиликс” Џулијан Асанж.
– Секогаш кога нешто ќе се случи со аферата Асанж , се зголемува бројот на напади на интернетот во Шведска – вели компјутерскиот специјалист во шведската полиција Андерс Алквист.
Австралискиот активист Асанж (41), се крие во Амбасадата на Еквадор во Лондон од 19 јуни, кога побарал азил обидувајќи се да избегне екстрадиција во Шведска, која сака да го испраша под обвинение за силување на две швеѓанки.
Асанж ги негира обвинувањата и вели дека се плаши дека тој ќе биде екстрадиран од Шведска во САД, кои беа засрамени кога “Викиликс” во 2010. ја објави Американската дипломатска преписка и документи за војните во Ирак и Авганистан.
Поддржувачите на Асанж тврдат дека САД би биле остри со него и дека таму можеби би бил осуден на смрт.
Алквист вели дека очигледно е дека бројот на Интернет нападите насочени кон Шведска е зголемен од појавувањето на случајот Асанж во 2010 година, иако е тешко да се воспостави формална врска.
– Се додека трае случајот на Асанж ќе имаме напади врз шведски цели. Имам впечаток дека се прави попис на безбедноста на сајтовите на водечките шведски компании – рече тој.
Нападите денеска беа извршени на страниците на водечките банки како “SEB” и “Svedbanke”, како и на шведската железница “SJ” и новинската агенција TT.
Алквист не сакаше да каже дали полицијата има конкретни докази кои упатуваат на тоа дека зад нападот стои групата поддржувачи на Асанж.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите.
Во почетокот на септември, извршени се напади на неколку сајтови на шведски државни институции, вклучувајќи ја и владата, а одговорноста ја презде една група која го поддржува Асанж.