Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг и шкотскиот прв министер Алекс Салмонд покренаа јавна меѓусебна полемика околу евентуалното членство на „независна“ Шкотска во ЕУ.
Според шефот на Форин Офисот, своите европски перспективи Шкотланѓаните најдобро може да ги реализираат преку Велика Британија и нејзиниот, како што вели Хејг, моќен глас во ЕУ.
Во писмо до Салмонд, британскиот министер му порачува на шкотскиот прв министер дека треба да им објасни на своите гласачи дека патот за влез на Шкотска во Унијата, како независна држава ќе биде „комплексен и долг“ поради правилата за прием на нови членки.
Салмонд и неговата сепаратистичка Шкотска национална партија (СНП) ги уверуваат гласачите пред референдумот за независност, закажан за 18 септември, дека Шкотска, како дел од Велика Британија, е веќе дел и од ЕУ, па затоа како евентуално независна, таа на автоматизм би станала членка на Унијата без да ја минува вообичаената процедура за прием.
Поводот за полемиката и писмото на Хејг е посета на Салмонд на Белгија, во рамките на која во Бриж ќе оддржи предавање на Европскиот Колеџ за „европските перспективи на Шкотска“.
Во своето предавање тој наведува дека нејзиното членство во европското семејство не е важно само за Шкотланѓаните, туку и за ЕУ, затоа што тоа ќе значи „енергетска безбедност“ за Унијата, мислејќи притоа на резервите од нафта и гас во Северно Море што сега се британски, а кои Единбург веќе сега ги нуди како шкотски.
Во Белгија, Салмонд настапува како убеден европеец, наспроти познатиот британски евроскептицизам, но правните експерти од Брисел од порано соопштија дека доколку Шкотска се отцепи од Велика Британија, таа ќе мора да ја помине истата постапка за влез во ЕУ, која важи и за секоја друга земја.
Министерот Хејг предупредува дека шкотското барање за зачленување во Унијата, ќе треба да го прифатат сите 28 земји-членки на ЕУ. Некои од нив веќе предупредија дека неможе за Шкотска да има поинакви правила од оние кои важеа и важат за сите досегашни и идни претенденти.
Владата на Шпанија, која и самата има проблеми се сепаратизмот, уште и го предупреди Салмонд дека евентуалното излегување на Шкотска од Обединетото Кралство ќе значи нејзин излез и од ЕУ, па затоа Единбург не може да смета на автоматизам при зачленувањето во Унијата.
Во реакцијата на шкотскиот прв министер до Вилијам Хејг, се вели дека заканата за европската перспектива на Шкотска доаѓа од британскиот евроскептицизам, а посебно од најавениот референдум за напуштање на ЕУ на кој инсистираат конзервативците од партијата на Хејг, а не од „идната шкотска независнот“.