Почнува четиридневното сослушување на Кетанџи Браун Џексон за судијка на Врховниот суд на САД

Од:

Сенатскиот Комитет за правосудство на американскиот Конгрес денеска го почна четиридневното сослушување на судијката Кетанџи Браун Џексон, која може да стане првата Афроамериканка во Врховниот суд на САД.

На почетокот на својата кариера, 51-годишната Џексон работела како службеничка кај судијата на Врховниот суд, Стивен Брејер, кој на почетокот на оваа година го најави своето пензионирање, со што се ослободува простор за номинација од страна на американскиот претседател Џо Бајден.

Британските медиуми пренесуваат дека демократот Бајден минатата година ја назначи Џексон за судијка во влијателниот Апелациски суд во Вашингтон, откако таа осум години работеше како федерален судија.

Нејзиното четиридневно сослушување во Сенатот почнува денеска, а за нејзиното доживотно назначување е потребно просто мнозинство во телото. Џексон веќе три пати беше потврдена во Сенатот за други функции.

Бајден најави дека ќе внесе различност во Врховниот суд со назначување жени и припадници на малцинствата. Уште во претседателската кампања во 2020 година, тој зборуваше за првата Афроамериканка во ова тело, која дотогаш имаше само двајца судии со темна кожа – сè уште активниот Кларенс Томас, назначен во 1991 година и покојниот Тургуд Маршал, пензиониран во 1991 година. .

За време на сослушувањето за нејзино назначување на сегашната позиција, во април 2021 година, Џексон кажа дека нејзиниот бекграунд, личен и професионален, на судот ќе му „донесе вредност“, а дека расата не влијае врз нејзиниот начин на работа.

„Мислам дека расата не игра улога во тоа каков судија сум била и каков ќе бидам, рече Џексон како одговор на прашањето на републиканскиот сенатор Џон Корнин.

Таа нагласи дека во секој случај зема предвид само „аргументи, факти и закони“.

Доколку биде потврдена, таа ќе стане шестата жена во Врховниот суд и ќе им се придружи на сегашните судии Ејми Кони Барет, Елена Каган и Соња Сотомајор и на пензионираната Сандра Деј О’Конор и на покојната Рут Бадер Гинсбург.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Поднесен предлог-закон: САД да се повлече и од Обединетите нации

Лукашенко: Не исклучувам обид на САД да предизвикаат политички конфликт меѓу Русија и Кина

Рокас: Напорите на САД за забрзување на евроинтеграциите се повеќе од добредојдени

Американците и Русите тајно се состанувале во Швајцарија со месеци, разговарале за Украина

Волц: Украина да го „намали тонот“, да ги замолчат критичарите

А1он

Лавров поднесе извештај: Почнуваме со нормализација на сите односи со САД