Во чест и сеќавање на поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел денеска во земјата се одбележува една година од неговата смрт, јави дописникот на МИА од Прага. Една од главните активности ќе биде свечената поворка во центарот на чешката метропола.
– Сакаме да потсетиме не само на она што ни го остави оваа личност, туку и да размислиме за начинот на кој секој од нас ќе може да придонесе за продолжување на она за што Хавел се залагаше, Чешка да оди секогаш чекор напред, изјави во име на организаторите Лукаш Седлачек.
Попладнето, на огромно платно во близина на статуата на Св.Вацлав, ќе биде направена видео проекција од минатогодишниот концерт кој беше одржан во чест на Хавел неколку дена по неговата смрт, како и фотографии од историските настани во кои тој учествуваше.
Исто така, учесниците во поворката ќе можат по набавна цена да купат балони со хелиум на кои ќе може да напишат порака или желба за тоа како ја гледаат Чешка во иднина.
На централниот плоштад во Прага ќе биде одржан и музички хепенинг. Симпатизерите на Хавел ќе имаат можност да се потсетат на поранешниот дисидент и борец за човекови права и на нетрадиционален начин, со „виткање” на ногавиците на пантолоните.
Со иницијативата која започна на социјалните мрежи се потсетува на историските моменти, на почнувањето на неговиот мандат како претседател на поранешна Чехословачка, во 1989 година по „Кадифената револуција” и падот на комунистичкиот режим.
На снимените материјали од тоа време, пантолоните на Хавел се кренати високо над струкот и ногавиците му достигнуваат едвај над глуждовите. Самиот Хавел оваа „националната анегдота” ја објаснуваше на свој начин, велејќи дека тоа е „нежен начин на потсмев” кон неговата личност.
– Секој маж знае дека треба да ги повлече ногавиците одвреме-навреме за тие да се вратат во првобитната положба, објаснуваше Хавел, додавајќи дека цел живот луѓе од целиот свет го прашувале за кратките ногавици.
По повод одбележувањето на годишнината од смртта на Хавел во прашката црква Св. Ана синоќа беше одржана црковна миса, а во исто време, кога започна мисата, во седиштето на Европскиот парламент во Брисел светна неонско срце во чест на починатиот политичар. Срцето е дело на чешкиот уметник Јиржи Давид и тоа еднаш веќе висеше на Прашкиот замок. Поранешниот чешки претседател беше карактеристичен по својот потпис кон кој секогаш додаваше срце. Во чест на Хавел, кој беше поет, драматург и кој во последните години од животот ја проба и улогата на режисер ќе бидат одржани и неколку театарски претстави. Вацлав Хавел почина минатата година, на 75-годишна возраст по долготрајни здравствени проблеми со респираторните органи.