Едгар Мичел, шестиот човек кој стапна на Месечината во рамките на првата мисија на NASA преземена по неуспехот на мисијата „Apollo 13“, почина на 85 години во градот Вест Палм Бич, во сојузната држава Флорида, пренесе Макфакс.
Едгар Мичел починал во четвртокот, само ден пред одбележувањето на 45-годишнината од неговата мисија „Apollo 14“, којашто постави рекорд во должината на престојот на Месечината, се истакнува во соопштението на NASA.
Мичел, кој пилотирал со модулот за атерирање „Antares“, заедно со членот на екипажот Алан Шепард беа третиот астронаутскиот тим кој се спушти на Месечината на 5-ти февруари 1971 година. Атерираа на местото на коешто требаше да се спушти мисијата „Apollo 13“, којашто е прекината по низата технички проблеми.
Екипажот на „Apollo 14“ постави рекорд минувајќи ја и најголемата оддалеченост на Месечината, и донесувајќи месечева почва со тежина од 41,6 килограми која ја проучуваа 187 научни тимови во САД и уште други 14 земји, и останувајќи на Месечината 33 часа во текот на кои изврши две вселенски прошетки.
Првите телевизиски снимки во боја испратени од површината на Месечината, прикажале тогаш, меѓу другото, и како Шепард удира топче за голф.
Во 2011 година американската влада го тужеше Мичел поради обидот да ја продаде на аукција камерата којашто ја користел во својата вселенска мисија. Камерата подоцна ја подари на специјализиран музеј.
Откако ја напуштил NASA во 1973 година, Едгар Мичел го основа Институтот за апстрактни науки, насочен на проучување на паранормалните и психички активности и проучување на досега необјаснетите феномени, посветувајќи се до крајот на животот на проучување на темата на неидентификуваните летачки објекти (НЛО – UFO). Во својата книга „Патот на истражувачот, Мичел забележува „Постои чувството дека нашето присуство како вселенски патешественици и самото суштествување на Вселената не е случајно. Тоа е пројава на работата на (вонземски) ум“.
Едгар Мичел е роден на 17-ти септември 190 година во Херефорд, во државата Тексас. Докторирал на аеронаутика на славниот Масачусетски технолошки институт (MIT) во 1964 година. Американски астронаут станува во 1966 година, а бил и во резервниот состав на екипажот на мисијата „Apollo 9“, како и резервен пилот на модулот за атерирање на мисијата „Apollo 10“.