Официјален Вашингтон додаде шест кинески фирми на својата црна листа по соборувањето на балонот што прелета над САД опремен со алатки за шпионажа, и на санкционираните фирми им забрани пристап до американска технологија и стоки без дозвола.
„Кинеската употреба на балони кои летаат високо го нарушува нашиот суверенитет и ја загрозува националната безбедност на САД“, изјави синоќа потсекретарот за индустриска трговија и безбедност Алан Естевез во соопштението на американското Министерство за трговија.
Овој потег најверојатно дополнително ќе го интензивира дипломатскиот спор меѓу Кина и САД предизвикан кога минатиот викенд беше соборен балон во близина на брегот на американската држава Северна Каролина. САД велат дека балонот бил опремен за да детектира и собира разузнавачки сигнали, додека Пекинг вели дека тоа е цивилно летало кое собира метеоролошки податоци и дека било оддувано од предвидениот курс.
Снимките направени од американските воени авиони сепак покажуваат дека балонот бил опремен со шпионска опрема.
Поради оваа дипломатска расправија, шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен ја одложи најавената посета на Кина, која требаше да има за цел да ги смири тензиите.
– Американската црна листа, на која се ставени шест кинески фирми е „моќна алатка за идентификување и блокирање на актерите кои се обидуваат да го искористат својот пристап до глобалните пазари за да и наштетат и да се заканат на националната безбедност на САД, рече помошник-секретарот за трговија Дон Грејвс.
Тој истакна дека САД нема да се двоумат да користат ограничувања и „други регулаторни средства“ за да ја заштитат американската национална безбедност.
Вчера, по наредба на претседателот Џо Бајден, САД соборија „објект што прелетуваше“ на оддалечениот северен брег на американската држава Алјаска. Тој предмет е соборен затоа што, како што е наведено, претставувал опасност за цивилните летови, а не затоа што се знаело дека врши некаков надзор.
Двата инцидента во краток временски период ја одразуваат зголемената загриженост за кинеската програма за надзор и го зголемуваат притисокот врз Бајден да заземе цврст став, посочуваат американските медиуми.