По пеколните температури, кои изминатите денови во региони на Чешка достигнаа и над 40 степен, синоќа земјата ја зафати силен дожд и ветер, при што еден човек загина во надојдена вода, а неколку десетици лица се евакуирани, јави дописникот на МИА од Прага.
Невремето предизвика застој на повеќе линии на железничкиот сообраќај, поради паднати дрвја, а во источна Чешка повеќе домаќинства се поплавени и без електрична енегија.
При големото невреме во чешкиот главен град беа предизвикани проблеми во јавниот транспорт, а поради обемната вода беше ограничена и работата на две метро станици во центарот.
Силниот ветер оштети еден кран и поради опасност тој да се урне врз една зграда беа евакуирани нејзините жители.
– Цела Прага е „разлетана“. Црпиме вода и расчистуваме паднати дрвја, изјави портпаролот на пожарникарите, Давид Вратиславски.
Невремето покрај проблемите, донесе и заладување во Чешка, која изминатите денови ја зафатија екстремно високи температури, невообичаени за овој регион.