Познатиот американски институт Пју ги објави резултатите од најновото истражување на тема екстремизам и ислам, според кои мнозинството муслимани во светот силно го отфрлаат екстремизмот, пренесува Анадолија.
Истражувањето на Институтот Пју е спроведени врз основа на интервју со околу 9.000 муслимани во 11 земји од светот.
Според резултатите од истражувањето 67 проценти од муслиманите во 11 земји од светот тврдат дека се загрижени поради екстремизмот на некои следбеници на исламот, како и дека се против секаков вид екстремизам и насилно однесување.
Ова особено се однесува на муслиманите во Пакистан, Јордан, Тунис, Турција и Индонезија.
Истражувањето на Институтот Пју покажува дека 57 отсто од муслиманите во светот сметаат дека Ал Каеда е екстремистичка организација, чии активности и идеологија отворено треба да се критикуваат и отфрлат.
Околу три четвртини од муслиманите во Пакистан, Индонезија, Нигерија и Тунис веруваат дека самоубиствените напади и останатите облици на насилство не може со ништо да се оправдаат, а особено не со борбата за исламски вредности.
Истражувањето на Пју во кое се проценуваат отвореноста и толерантноста на муслиманските заедници покажува дека муслиманите во Босна и Херцеговина се меѓу најтолерантните муслимани во светот.
Според истражувањето муслиманите во БиХ поседуваат високо ниво на знаење за принципите на христијанското верување.
Околу 92 отсто од муслиманите во БиХ веруваат дека жените треба сами да одлучат дали да носат хиџаб, што е најголем процент во светот. Исто мислење со нив делат и 91 процент од муслиманите во Косово и 90 отсто од муслиманите во Турција.
Истражувањето на Институтот Пју, исто така, покажува дека муслиманите во БиХ не ги оправдуваат самоубиствените напади во име на исламот. Само три отсто од нив сметаат дека ваквите напади во име на исламот се оправдани.