Северна Кореја ги обвини денеска САД дека го туркаат Корејскиот полуостров кон „точка на експлозија“, откако два американски бомбардери ја прелетаа Јужна Кореја со цел да демонстрираат сила против Пјонгјанг.
– Тие исклучително непромислени провокации на американските империјалисти ја туркаат ситуацијата на Корејскиот полуостров до точка на експлозија од час во час, соопшти севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Агенцијата предупреди дека севернокорејската војска „е целосно вооружена со сите средства за давање воен отпор“, со цел да возврати на било кој непријателски напад „со еден удар“.
Два американски воени авиони В-1В прелетаа вчера преку Јужна Кореја откако Вашингтон вети заштита на своите сојузници во регионот, бидејќи Пјонгјанг минатата недела изврши петто и најголемо нуклеарно тестирање.