Шпанската полиција соопшти дека дошло до експлозија во украинската амбасада во Мадрид.
Станува збор за писмо бомба, а еден вработен во амбасадата е полесно повреден, пренесе „Ројтерс“.
Полицијата го активираше антитерористичкиот протокол и го опколи просторот каде што се наоѓа дипломатското претставништво.
Според извори на кои се повикува „Ефе“, писмото било адресирано до амбасадорот и не поминало низ скенерот, туку го отворил чувар во градината на амбасадата.
Засега од амбасадата не сакаат да го потврдат настанот ниту да дадат изјави за него.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, ги повика сите украински амбасади во странство итно да ги зајакнат безбедносните мерки.
Кулеба ги повика и шпанските колеги да преземат итни мерки за да го истражат нападот.
Украинскиот министер рече дека кој и да стои зад нападот нема да успее да ги заплаши украинските дипломати или да ги спречи да работат секој ден за зајакнување на Украина и спротивставување на руската агресија.