Авганистанската полиција соопшти дека осум атентатори самоубијци денеска ја нападнале нејзината станица во Џалалабад, во кој загинале петмина полицајци, а четворица биле ранети, пренесоа американските медиуми.
Еден од напаѓачите се кренал во воздух во полн автомобил со експлозиви, паркиран пред станицата на силите за брзо реагирање во овој источен авганистански град. Потоа другите борци, кои носеле појаси со експлозиви, ја нападнале станицата, а тројца од нив се кренале во воздух во објектот, додека четворица биле застрелани од полицијата при престрелката, што траела повеќе од еден час.
Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот.
Нападот беше извршен на вториот ден од посетата на американскиот државен секретар Џон Кери на Кабул.