Руските власти денеска ја обвинија Украина за убиство на пет цивили, меѓу кои и едно дете, во напад со дрон врз автобус во западниот регион Белгород и соопштија дека уште тројца цивили се хоспитализирани и се во критична состојба.
Вршителот на должноста гувернер на регионот Белгород, Александар Шувајев, изјави дека во нападот се повредени вкупно 23 лица.
„Денес, во градот Шебекино, дрон управуван од… терористи од Киев намерно и цинично удри во патнички автобус“, напиша Шувајев во порака на Телеграм.
„Според првичните информации, пет невини цивили, меѓу кои и едно малолетно лице, загинаа како последица на овој нехуман и одвратен напад. Четири жени и едно момче им подлегнаа на повредите“, додаде гувернерот.
Од Украина засега нема реакција.
Шебекино, кој се наоѓа веднаш преку границата од регионот Харков во североисточна Украина, е изложен на редовни бомбардирања и напади со дронови уште од почетокот на целосната инвазија.
И Русија и Белорусија ги обвинија украинските сили дека во последните недели гаѓаат автобуси во пограничните региони на западна Русија. Киев ги негираше овие обвинувања.
