Пет затвореници побегнале од строго обезбедуваниот затвор во Португалија. Меѓу избеганите е и Британецот Марк Камерон Роскалеер. По него и четворица други е започната голема потера откако побегнаа од затворот Вале де Јудеус на околу 70 километри северно од главниот град Лисабон.
Тие побегнале качувајќи се на скала преку заштитниот ѕид и имале „надворешна помош“, соопшти португалската затворска служба, пренесува новинската агенција Ројтерс.
Роскалер отслужува деветгодишна затворска казна за киднапирање и грабеж, јавуваат португалските медиуми.
Вале де Јудеус е затвор со максимална безбедност со капацитет од 560 затвореници.
Покрај Роскалеер, меѓу петте избегани затвореници има и двајца Португалци, Аргентинец и Грузиец, пишуваат португалските медиуми. Двајцата португалски бегалци отслужувале 25-годишна затворска казна за трговија со дрога, заговор, кражба, грабеж и киднапирање, соопшти португалската затворска служба за Ројтерс.
Останатите тројца се осудени за кривични дела како кражба, киднапирање и грабеж.
Португалскиот национален синдикат на затворски чувари, Sindicato Nacional do Corpo da Guarda Prisional (SNCGP), сподели фотографии од затворениците на социјалните мрежи.
Фредерико Мораис, шеф на SNCGP, изјави за португалскиот канал SIC Noticias дека затворениците се крајно опасни и јавноста не треба да им приоѓа.
Мораис, исто така, рече дека бегството се случило поради недостаток на затворски чувари, што значи дека контролните кули биле празни, објави португалскиот сајт за вести Diario de Noticias.
Затворската служба соопшти дека мажите избегале „со помош однадвор и користејќи скала, што им овозможило на затворениците да се качат на ѕидот и да избегаат“.
Португалската полиција наводно побарала меѓународна соработка за фаќање на петмината затвореници.