Истакнати личности од културниот и општествениот живот во Чешка, покренаа петиција против неодамна избраниот чешки претседател Милош Земан, поради критиките кои тој ги упати кон медиумите во својот прв говор при преземањето на должноста.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, петицијата е испратена до премиерот Петр Нечас и други политичари со барање да се изјаснат во врска со ставовите на Земан.
По инаугурацијата, Земан рече дека сака да се бори против неколку „острови на негативна девијација“, како мафијата, неонацистичките испади и делот од медиумите кои манипулираат со јавното мислење.
– Ставот на Претседателот го сметаме за нешто недозволиво во целиот развој по револуцијата, се вели во текстот на петицијата.
Според потписниците, Земан во својот говор кон делот на медиумите сугерира колективна вина и индиректно ја напаѓа слободата на говорот.