Кремљ денеска соопшти дека изборите на кои претседателот Владимир Путин го освои петтиот мандат биле фер, и покрај обвинувањата од западните влади, независните набљудувачи и опозицијата.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска ги отфрли обвинувањата дека гласањето било наместено во корист на Путин, посочувајќи на анкета која покажала дека рекордни 65 отсто од анкетираните Руси ги сметаат резултатите за веродостојни.
„Изборите се апсолутно чисти“, рече Песков во разговор со новинарите и додаде: Невозможно е да се оспори тоа.
Путин освои 87,28 отсто од гласовите или 76 милиони, со излезност од над 77 отсто на изборите што завршија во неделата, што е два рекорда во постсоветската руска историја.
Западните влади ја осудија неговата победа како неправедна и недемократска, но му честитаа Кина, Индија и Северна Кореја, меѓу другите.
Во деновите по изборите, независните руски изборни аналитичари рекоа дека неговата победа е значително пренадувана.
Водечката руска независна група за следење на гласањето Голос (Глас), на која не и беше дозволено да испраќа набљудувачи на избирачките места, соопшти дека има докази за заплашување гласачи и други прекршувања.
Опозицијата во егзил рече дека резултатите „немаат никаква врска со реалноста“.