Пратениците од новиот парламент на Израел (Кнесет) денеска положија заклетва на конститутивното заседание, само две недели по парламентарните избори, кои со кревно мнозинство ги доби коалицијата Ликуд-Бејтену на премиерот Бенјамин Нетанјаху, пренесе ДПА.
Заседанието на парламентот го отвори претседателот Шимон Перес, кој ги повика 120-те новоизбрани членови на Кнесетот да ги исполнат своите ветувања, да се фокусираат врз социјалните прашања и да ја намалат сиромаштијата.
Според Перес, Израел не може да има мир без безбедност, но не може да има и безбедност без мир.
Шефот на државата подвлече дека Иран е закана за постоењето на Израел и за мирот во целиот свет и потсети дека Техеран го негира Холокаустот.
-Само САД се во состојба да ја прекинат иранската закана. Верувам дека претседателот на САД е одлучен тоа да го направи, изјави Шимон Перес.
Пред извесно време израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го предупреди светот дека најдоцна до идното лето Техеран ќе располага со потенцијал за да произведе атомска бомба. Тој напомена дека Израел може да изведе превантивен напад врз иранските нуклеарни инсталации, доколку пропаднат сите други средства што се преземаат. За ова прашање Нетанјаху влезе во конфликт со американскиот претседател Барак Обама и неговите советници за безбедност, потсетуваат агенциите.
Претседателот Перес во саботата на Нетанјаху му ја довери должноста да состави коалициска влада. Тој тоа треба да го стори во рок од 28 дена, но може да добие и продолжување на рокот за две недели.