Топлинската купола од Сахара и сувите ветрови би можеле да донесат историски високи температури во делови од Европа.
Според „Severe Weather Europe“, екстремен топлотен бран веројатно ќе ги покачи температурите на Пиринејскиот Полуостров на меѓу 45 и 47 степени во текот на оваа недела.
Имено, ќе дојде до продор на топол воздух директно од Сахара, додека на југозападот на континентот се засилува нова топлинска купола.
Највисоката температура некогаш регистрирана во Шпанија изнесувала 47,6 степени, измерени во Ла Рамбла на 14 август 2021 година.
Кога станува збор за цела Европа, рекордот го држи Сиракуза, каде што на 11 август 2021 година била измерена температура од 48,8 степени. Според прогнозите, неколку области во Шпанија би можеле да се доближат до тие рекорди, па дури и да ги надминат.
Најавените горештини би можеле да доведат до шумски пожари, дополнително оптоварување на инфраструктурата (како што се акумулациите за вода и електричните мрежи) и зголемени здравствени ризици.
Жителите нема да почувствуваат големо олеснување ниту во текот на ноќта, со оглед на тоа што не се очекува температурите да паднат под 25 степени.
Топлинската купола, односно масата од многу топол воздух, обично е доминантна карактеристика на летните временски услови во Европа и носи високи температури во регионот што се наоѓа под неа.
Таа делува како капак на тенџере, односно го задржува топлиот воздух на сите нивоа под неа.
