Поранешниот генерален директор на Светската трговска организација (СТО) Паскал Лами изјави дека британскиот премиер Дејвид Камерон „мора да има позитивен пристап„ кон ЕУ, во разговорите со другите европски лидери доколку сака успешни преговори за барањата на Велика Британија за реформирање на Унијата.
„Европските лидери сакаат да му помогнат на Камерон, да победи на референдумот (за останување во ЕУ) но тој ќе мора и самиот да помага„ – рече Лами во разговор за радио ББЦ.
На Самитот на ЕУ, што се одржа во четвртокот во Рига, Камерон и формално ги извести другите лидери во Унијата, за планот на британската влада за преговори околу „подобар договор„ на Лондон со Брисел, како и за организирањето референдум за напуштање, или останување на Британија во ЕУ, до крајот на 2017 година.
Лами кој по 13 години поминати како прв човек на СТО, сега раководи со тинк-танк организацијата „Наша Европа„ вели дека тој не се согласува со позициите на некои во ЕУ, оти на Британците „секогаш нешто им пречи во Унијата, па нека си заминат, а потоа се ќе биде во ред„.
Овој угледен француски политичар и посветен Европеец, забележува дека евентуалното заминување на Британија, нема да биде добро за целата ЕУ.
Лами се согласува дека Камерон сега има „кредит„ да ги покренува прашањата околу иднината на односите со ЕУ, по уверливата победа на парламентарните избори од пред три недели.Тој сепак потсетува дека има неколку „црвени линии„ како што е слободното движење на лугето низ Унијата, иако се согласува дека мал е просторот за маневрирање меѓу ова основно европско правило и британското спротивставување за поцврска и поинтегрирана Еропска Унија.
„ Најважната работа е како Камерон ќе настапува во дијалогот со европските лидери„- вели Лами.
Некогашниот генерален директор на СТО, открива дека додека бил на таа функција, бројни светски лидери не сокривале дека имаат голем респет кон ЕУ.
Лами раскажува дека лидерите на Кина и Бразил, во една таква прилика му рекле дека ЕУ е создадена врз две големи чуда- едното е мирот меѓу Франција и Германија, а второто е членството на Велика Британија во Унијата.