Бразилските партии, чии лидери се вмешани во големиот корупциски скандал со државната нафтена компанија „Петробраз“, вклучително и партиите на поранешниот и на претседател, Дилма Русеф и Мишел Темер, претрпеа тежок пораз на вчерашните локални избори во Бразил, на кои победија десничарските кандидати.
Левичарската Работничка партија (ПДТ) на поранешната претседателка Дилма Русеф, која во август беше сменета од власт со импичмент, доби многу малку гласови и со тоа ја загуби власта во најголемиот град во земјата Сао Паоло, каде за градоначалник е избран бизнисменот Жоао Дорија од центристичката Бразилска социјалдемократска партија (ПСДБ).
Дорија е избран за градоначалник на Сао Паоло уште во првиот круг, што е прв таков случај од 1992 година, кога е воведен новиот изборен модел со кој се бара апсолутно мнозинтсво за победа.
Гласачите ја казнија ПДТ, која беше на власт 13 години за време на најголемиот корупциски скандал во Бразил и падот на водечката економија на Латинска Америка незабежена уште од времето на рецесијата во 30-те години на минатиот век.
ПДТ загуби во четири од петте административни центри на сојузните држави со кои досга управуваше, како и во две третини од општините каде ја доби власта во 2012 година. По вчерашните избори ПДТ се најде на десето место според број на освони градоначалници. По изборите во 2012 ПДТ беше трета партија по бројот на градоначалници.
Партијата на бразилското демократско движење (ПМДБ) на актуелниот претседател Темер го загуби градоначалничкото место во Рио де Женеиро. Таму во вториот круг ќе се натпреваруваат конзервативниот евангелистички бискуп и сенатор Марсело Кривела и Марсело Фреиксо од Партија на социјализмот и слободата (ПСЛ).
Гласачите ја казнија ПМДБ, бидејќи беше дел од владејачката коалиција со ПДТ од крајот на 2006 година.
И покрај загубата на Рио де Женеиро, ПМДБ
, останува партија со најмногу градоначалници во малите и средни градови, бидејќи доби повеќе од 1.000 општини.
Гласачите покажаа длабока рамнодушост кон изборите. Речиси 40 проценти од нив не го остварија нивното право на глас, иако гласањето во Бразил е задолжително, или пак не поддржаа ниту еден од кандидатите, уфрлувајќи во кутиите празни или неважечки ливчиња.