Каталонските партии кои се залагаат за независност од Шпанија поднесоа барање до каталонскиот Парламент да се прогласи независност. Засега не е јасно дали ова барање ќе биде ставено на дневен ред на денешната седница.
Партиите кои го поднесоа барањето имаат мнозинство во Парламентот.
Во меѓувреме, демонстранти се собираат во Барселона, во очекување на седницата на шпанскиот Сенат во Мадрид, на која се расправа за активирање на членот 155 од Уставот на Шпанија и за одземање на каталонската автономија. Шпанија побара од Каталонија да распише предвремени избори на кои би бил сменет претседателот на регионалната Влада Карлес Пуџдемон, кој го организираше и спроведе референдумот за независност.
Пуџдемон го одби ова барање откако шпанската Влада одби да гарантира дека со нови избори во Каталонија ќе се одложи одземањето на автономијата.