На Исланд денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори, на кои според анкетите на јавното мислење најголеми подем се очекува да оствари Пиратската партија, која има шанси да стане втора политичка сила во земјата.
Предвремените избори се одржуваат откако исландскиот премиер Сигмундур Давид Гунлаугсон поднесе оставка поради скандалот што го предизвика објавувањето на „Панамските документи“, кои покажаа негова поврзаност со оф-шор компанија која откупила обврзници од неколку банки на Исланд кои банкротираа на текот на глобалната финасиска криза.
Анкетите покажуваат дека најмногу гласови на денешните избори ќе освои конзервативната Партија на независноста, која ужива поддршка на 22,5 проценти од гласачите, а веднаш зад неа се наоѓа Пиратската партија со 21 отсто.
На третото место, според анкетите, е социјалистичкото Лево зелено движење со околу 15 проценти, пред еколошката партија Обнова со 13 проценти и либералната Прогресивна партија на поранешниот премиер Гунлаугсон, која може да се надева на околу 10 проценти од гласовите. Места во Парламентот се очекува да освојат уште и Социјалдемократската алијанса и социјал-либералната партија Светла Иднина, кои ужуваат подршка на околу осум, односно пет отсто од гласачите.
„Пиратите“, кои на последните избори во април 2013 година освоија само еден пратеник, својата популарност последниве години ја стекнаа врз основа на незадоволството на граѓаните од досегашната политичка елита во Исланд, кој беше една од најтешко погодените земји за време на глобалната финансиска криза во 2008 година.
Пиратската партија, која се залага за укинување на меѓународните правила за авторски права и за целосна слобода на интернетот, меѓу другото предлага Исланд да му даде азил на поранепниот соработник на америкаските тајни служби Едвард Сноуден и да ја прифати вируелната валута биткоин, како и да преземе мерки за целосно искоренување на корупцијата.