Париската полиција презеде мерки против организирана измама во музејот Лувр и приведе 10 лица, вклучувајќи вработени во музејот и туристички водичи, осомничени за продажба на лажни билети на кинески посетители и пререзервирање на тури, објавија денес француските медиуми.
Според „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените откако раководството на Лувр пријави „неправилности“. Според „Еуроњуз“, запленети се три возила, 130.000 евра во готово, речиси 200.000 евра на банкарски сметки и неколку банкарски сефови со големи суми пари.
Во соопштението, раководството на музејот соопшти дека воспоставило „структуриран план против измами“ кој вклучува мапирање на измами, правни, технички и контролни мерки, како и следење на резултатите.
Откривањето на измамата доаѓа по низа предизвици за Лувр, вклучувајќи штрајк на вработените незадоволни од платите и условите за работа, што доведе до делумно затворање на музејот секоја недела.
Музејот е критикуван и за зголемување на цените на билетите за посетителите надвор од Европа од 22 на 32 евра, како дел од националната политика на „диференцирано ценообразување“ што ја применуваат и други културни објекти во Франција.
