Папата Франциско денеска повторно ја критикуваше рамнодушноста на Западот кон проблемите на бегалците, во време кога Европа е зафатена од бегалска криза без преседан, пренесува Танјуг.
– Премногу пати не ви посакавме добредојде, изјави папата во видео-пораката упатена до бегалците, три дена откако од посетата на грчкиот остров Лезбос доведе со себе во Ватикан три сириски бегалски семејства.
– Простете ни за затвореноста и рамнодушноста на нашето општество кое стравува од промената на нашиот начин на живот и размислување, а кое се бара со вашето присуство, рече поглаварот на Римокатоличката црква.
– Третирани сте како товар, како трошок, а всушност сте подарок. Сведоци сте како нашиот добар и милосрден Господ може да го трансформира злото и неправдата кои ве снашле, во нешто добро за сите нас, рече папата.
– Секој од вас може да биде мост кој ги спојува луѓето кои се многу оддалечени, а со тоа е можна средба на различни вери и култури, потенцира папата Франциско.