Папата Бенедикт Шеснаесетти ја повреди главата за време на посетата на Мексико и Куба во март 2012, но тоа нема “суштинска” улога во одлуката да поднесе оставка, соопшти денеска Ватикан.
Италијанскиот дневник Stampa пишува дека Бенедикт се удрил во главата и крварел кога станал во средината на ноќта во собата во Леон, Мексико. Како што наведува италијанскиот весник, крв имало на чаршавите, а од неа и косата му се залепила.
Портпаролот на Ватикан, Федерико Ломбарди, потврди денеска дека папата се повредил во Мексико, но додаде дека тоа не влијаело на натамошниот тек на неговото патување, ниту на одлуката да поднесе оставка.
Ватиканскиот весник (L’Oservatore Romano) претходно оваа недела објави дека, Бенедикт одлуката да се повлече ја донел по патувањето во Мексико и Куба, кое било физички напорно за 85-годишниот папа.
Бенедикт XVI во понеделникот, 11 февруари објави дека поднесува оставка и дека должноста Папа, ќе ја извршува до 28 февруари во 20 часот.