Папата Франциско вчера оддржа средба со стотици деца, меѓу кои имаше и нигериско дете мигрант чии родители се удавиле во бродска несреќа, јави Танјуг.
Папата притоа изјави дека мигрантите „не се опасни, туку дека тие се во опасност“, пренесоа британските медиуми.
Средбата беше оддржана по најновиот голем бегалски бран во кој од понеделникот од пренатрупаните бродови и чамци се спасени повеќе од 14.000 лица, а забележени се и бројни бродоломи.
Меѓу 45 тела пронајдени во море во петокот биле и три деца, објави италијанскиот огранок на УНИЦЕФ.
На средбата со папата повеќето од децата беа италијански, кои во Ватикан пристигнале со посебен воз од јужна Италија.
Папата повторно предупреди на ситуацијата во која се наоѓаат овие луѓе, особено стотиците илјади луѓе кои се изложиле на животна опасност за да стигнат до Европа во небезбедните чамци.